ФКТ Ристо Шишков
Фестивалот на Камерен театар во текот на своето седумнасетгодишно постоење поминал низ сите фази на сопствениот развој. Ова првенче на македонската театарска самостојност, родено е и пораснато еднакво бурно исто како што се родил и живеел и неговиот патрон: Ристо Шишков. Од првичната, речиси до фанатичност идолопоклонска идеја за „Денови на Ристо Шишков“ - до етаблирање на национален Фестивал на високи актерски достигнувања изминат е долг и трнлив пат.
Едно десетлетие поминато низ противречности и талкања по сопствениот идентитет го изградиле во категорична и по многу нешта оригинална и значајна манифестација. Профилот на Фестивал посветен на актерот и актерството му обезбеди високо место во хиерархијата на културните и цивилизациските придобивки кои ја легитимираат Република Македонија и престижноста изразена во името на бардот на македонското актерство Ристо Шишков и сите досегашни лауреати - македонски театарски ѕвезди.
Фестивалот својата зрелост ја покажа и на првото меѓународно издание. Струмица, градот домаќин, е еден од најразвиените, но и најперспективните региони во Република Македонија, двигател на вкупните општествени и економски текови во земјата, но и репрезент на врвни културни манифестации.
Без сомневања Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ започна нова етапа од своето постоење, предизвик кој е во контекст на новите европски перспективи.
Учесници 2009
- НТ „Војдан Чернодрински“ Прилеп, МК
- Мал Драмски Театар Битола, МК
- Драмски Куклен Театар Враца, БГ
- НУ „Драмски Театар“ Скопје, МК
- НУ „Народен Театар Битола“ Битола, МК
- Факултет за драмски уметности Скопје, МК
- Градски Театар Коцели, ТР
- НУЦК „Антон Панов“ Струмица, МК
- Кралски Театар Цетиње, ЦГ
- Национален Театар на Косово Приштина, КО
- ДКТ „Димитар Радоев“ Плевен, БГ
- Театар „Славија“ Белград, СР
- Македонски Народен Театар Скопје, МК
- Буден Театар Скопје, МК